ЗА ДА ДОБИЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР, ТРАМП МОРА ДА ЈА ЗАВРШИ ВОЈНАТА ВО ГАЗА, ВЕЛИ МАКРОН

    ЗА ДА ДОБИЕ НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР, ТРАМП МОРА ДА ЈА ЗАВРШИ ВОЈНАТА ВО ГАЗА, ВЕЛИ МАКРОНМакрон смета дека само Трамп има моќ да изврши притисок врз Израел да ја заврши војната (Фото: АП)

    Ако Доналд Трамп навистина сака да добие Нобелова награда за мир, тој мора да ја запре војната во Газа, кажа францускиот претседател Емануел Макрон. Тој смета дека само Трамп има моќ да изврши притисок врз Израел да ја заврши војната.

    „Има само една личност која може да направи нешто во врска со тоа и тоа е претседателот на САД. А, причината зошто тој може да направи повеќе од нас е што ние не даваме оружје што овозможува да се води војна во Газа. Соединетите Американски Држави го прават тоа“, кажа Макрон во Њујорк, каде што се одржува 80. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.

    Трамп вчера опфати повеќе теми во својот борбен говор, кој траеше речиси еден час и е најдолг во историјата на Генералното собрание. Притоа се пофали дека завршил седум војни откако се врати во Белата куќа во јануари, па ги нареди војните помеѓу Камбоџа и Тајланд, Косово и Србија, Пакистан и Индија, Израел и Иран, Египет и Етиопија, Ерменија и Азербејџан и помеѓу Руанда и Демократска Република Конго, иако некои од нив не се ни случиле. Сепак, за војните во Газа и Украина досега нема најдено решение.

    „Гледам американски претседател кој е ангажиран и од говорницата вели: ‘Сакам мир, решив седум конфликти‘, претседател кој ја сака Нобеловата награда за мир. Таа е можна само ако го запрете конфликтот во Газа“, рече Макрон.

    Земји како Камбоџа, Израел и Пакистан се меѓу оние кои го номинираа Трамп за Нобелова награда за мир. Од прв ден претставувајќи се како миротворец, Трамп изјави дека го заслужува признанието што го имаат добиено четворица од неговите претходници во Белата куќа.

    „Претседателот Трамп направи повеќе за мирот отколку сите присутни во Обединетите нации заедно“, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира