Бившиот француски претседател Никола Саркози е прогласен за виновен за криминален заговор поврзано со незаконско земање милиони евра од некогашниот либиски лидер Моамер Гадафи. Кривичниот суд во Париз го ослободи од останатите обвиненија, вклучувајќи посредна корупција и незаконско финансирање кампања. Саркози доби пет години затвор и ќе мора да плати 100.000 евра.
Тој ја критикуваше одлуката на судот да го испрати во затвор, но потврди дека ќе ја почитува.
„Ако сакаат да спијам во затвор, ќе спијам во затвор, но со крената глава“, рече тој.
Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет дека ги користел средствата добиени од Гадафи за да ја финансира својата изборна кампања во 2007. Во замена, Саркози ветил дека ќе му помогне на Гадафи да го подобри угледот на Либија кај западните земји.
Саркози одработи еден мандат како претседател на Франција, од 2007 до 2012 година.
Саркози беше обвинет дека склучил договор со Гадафи во 2005, додека беше министер за внатрешни работи на Франција. Истрагата беше отворена во 2013, две години откако еден од синовите на Гадафи првпат го обвини Саркози дека земал милиони евра од неговиот татко за да ја финансира својата кампања. Следната година, либискиот бизисмен Зијад Такиедин кажа дека имз писмен доказ дека кампањата на Саркози била финансирана од Триполи и дека исплатите во вкупна вредност од 50 милиони евра продолжиле и откако тој беше избран за претседател.
Откако изгуби на изборите во 2012, Саркози беше предмет на неколку кривични истраги. Во 2021 беше прогласен за виновен за подмитување судија, станувајќи првиот бивш француски претседател осуден за кривично дело.