СДСМ ПРЕДЛОЖИ РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, СО УСЛОВ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДА СТАНЕ СЛУЖБЕН ЈАЗИК НА ЕУ БЕЗ ДОДАВКИ И ФУСНОТИ

    СДСМ ПРЕДЛОЖИ РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, СО УСЛОВ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК ДА СТАНЕ СЛУЖБЕН ЈАЗИК НА ЕУ БЕЗ ДОДАВКИ И ФУСНОТИПретседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција ја презентираше Предлог-резолуцијата. (Фото: К. Попов)

    Опозициската СДСМ денеска претстави Предлог-резолуција за утврдување на државните и национални позиции за продолжување на евроинтеграцискиот процес, со конкретни рокови за спроведување на уставните измени. Лидерот на партијата, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека целта е да се искористи актуелниот моментум за проширување на Европската Унија до 2030 година и да се спречи натамошно заостанување на земјата зад другите држави кандидати.

    Според предложената временска рамка, Владата треба да ги разгледа и евентуално да достави нов текст на уставните амандмани до Собранието најдоцна до 1 декември 2025 година. Парламентарната процедура би започнала веднаш потоа, со прво гласање до 15 декември 2025, а целиот процес на измени на Уставот би завршил со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година.

    Веднаш по усвојувањето на измените, како што стои во резолуцијата, Владата треба да ја извести Европската комисија и земјите-членки дека обврската е исполнета и да побара одржување на Меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер „Темелни вредности“ најдоцна до 15 февруари 2026.

    Во текстот се реафирмираат и „црвените линии“, односно се бара доследно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара. Се инсистира македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без никакви додавки или фусноти.

    „Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги и уставните измени, со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер“, се наведува во документот.

    Резолуцијата предвидува и механизам во случај на нови блокади поврзани со идентитетски прашања. Доколку тоа се случи, претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот со заедничко писмо би ги информирале највисоките претставници на ЕУ дека овие прашања се затворени.

    Од СДСМ потсетуваат на низа претходни декларации и резолуции усвоени во Собранието со консензус, вклучително и Резолуцијата од 2021 година предложена од тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи ја потребата од проактивен пристап наместо чекање.

    Предлог-резолуцијата ќе биде поднесена на усвојување во Собранието. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред 10 дена кажа дека со нетрпение ја очекуваат резолуцијата за да можат да дадат нивни инпут.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира