Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ги осуди западните земји кои ја признаа палестинската држава, велејќи дека убивањето Евреи се исплаќа, додека десетици делегати ја напуштија салата пред почетокот на неговиот говор на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Оваа недела, лидерите на Франција, Велика Британија, Австралија, Канада и други земји безусловно ја признаа палестинската држава. Тие го направија тоа по ужасите извршени од Хамас на 7 октомври 2023, ужасите што тој ден ги величаа 90% од палестинското население. Знаете каква порака испраќаат лидерите кои ја признаа палестинската држава? Тоа е многу јасна порака: убивањето Евреи се исплаќа“, кажа Нетанјаху, добивајќи стоечки овации од голема група присутни на балконот над салата.
Додека сѐ повеќе земји се приклучуваат кон признавањето на палестинската држава, најекстремните израелски министри јасно велат дека нема да има палестинска држава, порачувајќи дека ќе ја продолжат со војната против Хамас.
„Со тек на времето многу светски лидери попуштија, но Израел нема. Тие попуштија под притисокот на пристрасните медиуми, радикалните исламистички избирачи и антисемитските толпи. Зад затворени врати, многумина од лидерите кои јавно нè осудуваат, ни се заблагодаруваат. Тие ми кажуваат колку ги ценат врвните разузнавачки служби на Израел кои спречија терористички напади во нивните главни градови. Израел мора да ја доврши работата против Хамас во Газа“, кажа Нетанјаху.
Тој збореше откако арапските и муслиманските лидери оваа недела го обвинија Израел за геноцид и воени злосторства во Газа. Израелската влада жестоко го негираше ова, додека Нетанјаху тврдеше дека Израел не напаѓа цивили во Газа намерно, обвинувајќи го Хамас дека ги користи како жив штит. Осврнувајќи се на овие обвинувања, Нетанјаху праша дали земја која врши геноцид би го советувала населението да замине од опасната зона.
„Дали нацистите ги замолиле Евреите да си заминат?“, рече тој.
„Одлуката на земјите да ја признаат палестинската држава е национално самоубиство за Израел. Тоа е чиста лудост и ние нема да го прифатиме тоа“, кажа израелскиот премиер, додавајќи дека Израел не ги заборавил заложниците кои и натаму се во Газа.
Од израелската влада кажаа дека говорот на Нетанјаху ќе се емитува и во Газа преку звучници поставени на камиони.