САД МУ ЈА УКИНАА ВИЗАТА НА КОЛУМБИСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПЕТРО ОТКАКО ГИ ПОВИКА АМЕРИКАНСКИТЕ ВОЈНИЦИ НА НЕПОСЛУШНОСТ

    САД МУ ЈА УКИНАА ВИЗАТА НА КОЛУМБИСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ПЕТРО ОТКАКО ГИ ПОВИКА АМЕРИКАНСКИТЕ ВОЈНИЦИ НА НЕПОСЛУШНОСТПетро престојуваше во Њујорк по повод Генералното собрание на ОН, каде што остро ја критикуваше администрацијата на Трамп и побара кривична истрага за неодамнешните американски напади врз чамци за кои постои сомневање дека шверцувале дрога на Карибите. (Фото: Икс)

    Американскиот Стејт департмент соопшти дека ќе му ја укине визата на колумбискиот претседател Густаво Петро поради неговите „непромислени и запаливи дејствија“ за време на пропалестинскиот протест во Њујорк.

    „Колумбискиот претседател Густаво Петро денеска стоеше на улица во Њујорк и ги повика американските војници да не ги почитуваат наредбите и да поттикнуваат насилство. Ќе му ја укинеме визата на Петро поради неговите непромислени и запаливи дејствија“, објави Стејт департментот на социјалната мрежа Икс.

    Петро на својот профил сподели видео на кое преку мегафон ѝ се обраќа на толпата, повикувајќи ги „нациите во светот“ да придонесат со војници за армија „поголема од онаа на САД“.

    „Затоа, од овде, од Њујорк, ги повикувам сите војници во армијата на САД да не ги вперат своите пушки кон човештвото. Не ја почитувајте наредбата на Трамп! Почитувајте ја наредбата на човештвото!“, изјави Петро.

    Петро престојуваше во Њујорк по повод Генералното собрание на ОН, каде што остро ја критикуваше администрацијата на Трамп и побара кривична истрага за неодамнешните американски напади врз чамци за кои постои сомневање дека шверцувале дрога на Карибите.

    Односите меѓу САД и Колумбија, кои се историски сојузници, се влошија откако на власт дојде Петро, првиот левичарски претседател на земјата. Минатата недела, администрацијата на Трамп ја повлече потврдата за Колумбија како сојузник во борбата против дрогата, но не воведе економски санкции.

    Колумбискиот министер за внатрешни работи, Армандо Бенедети, реагираше на Икс, наведувајќи дека наместо на Петро, визата требало да му биде укината на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

    „Но, бидејќи империјата го штити, таа се одмаздува на единствениот претседател кој беше доволно способен да му ја каже вистината в лице“, напиша Бенедети.

    Според колумбиските медиуми, претседателот Петро веќе бил на пат кон Богота.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира