ЗА МИЦКОСКИ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ НА СДСМ СЕ ТРИК, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ОДБИЛА НАЈПАТРИОТСКИОТ ДОКУМЕНТ

    ЗА МИЦКОСКИ ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ НА СДСМ СЕ ТРИК, ФИЛИПЧЕ ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ОДБИЛА НАЈПАТРИОТСКИОТ ДОКУМЕНТПретседателот на СДСМ, Венко Филипче ја обвини власта дека го запира европскиот пат на државата. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изрази сомнеж во најавените „црвени линии“ на опозициската СДСМ во однос на Бугарија, тврдејќи дека станува збор за обид за измама на народот. Според него, овие декларации се трикови и не се знае на кого му се испраќа сигнал и до кога ќе трае тој аранжман.

    „Народот не е наивен и добро ги памети сите нивни изјави, предавства и лаги. Затоа, овој пат казната ќе биде уште поголема“, изјави Мицкоски на промоција на кандидати за градоначалници во Штип.

    Тој додаде дека нема да дозволи нивните „црвени линии“ да се претворат во контури на ново предавство доколку им се овозможи да го реализираат својот план.

    Претходно денеска, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на регионална конференција, ја обвини власта дека го запира европскиот пат на државата. Тој ја критикуваше власта за одбивањето на предлог-резолуцијата за национален консензус за евроинтеграциите.

    „Пред три дена го одбија еден од најпатриотските документи, предлог-резолуцијата за национален консензус, заеднички црвени линии и временска рамка за почеток на отворањето на поглавјата и продолжување на преговорите со ЕУ“, изјави Филипче.

    Тој вели дека политиките на СДСМ, како решавањето на спорот за името и членството во НАТО, секогаш биле во интерес на државата и граѓаните, без оглед на политичкиот рејтинг.

    „Вредеше државата да оди напред. Ама сега оваа влада не сака да го продолжи европскиот пат“, рече Филипче.

    СДСМ на 25 септември презентираше предлог-резолуција за утврдување на државните и национални позиции за продолжување на евроинтеграцискиот процес, по што Мицкоски рече дека по локалните избори тие ќе предложат вистинска резолуција за заштита на македонските национални интереси.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира