Проевропската партија на претседателката Маја Санду е на прагот на јасна победа и ново мнозинство во парламентот по вчерашните избори во Молдавија, кои се сметаа за клучни за идниот пат на земјата кон Европска Унија. Санду предупреди на големо руско мешање на изборите и купување гласови и кажа дека иднината на земјата е во прашање.
Нејзината Партија на акција и солидарност (ПАС) обезбеди 50% од гласовите, додека прорускиот Патриотски изборен блок освои двојно помалку. Излезноста беше околу 52%, нешто повеќе во споредба со претходните избори.
Еден од главните опозициски лидери Игор Додон прогласи победа уште пред да бидат објавени какви било резултати и повика на протести пред парламентот денеска.
Пред четири години, ПАС освои 52,8% гласови, па се очекува сега да има 54 пратеници во парламентот со 101 место. За да формира влада, ќе ѝ треба поддршка од други партии. Гласањето го следеа тензии, вклучувајќи дојави за подметната бомба на гласачки места во Италија, Романија, Шпанија и САД.
Молдавците се погодени од руската војна во соседната Украина, но се борат и со зголемувањето на цените и високото ниво на корупција.
Додон, кој е еден од главните ривали на Санду, излезе на националната телевизија веднаш штом се затворија гласачките места и објави дека неговите проруски сојузници од Патриотскиот изборен блок ги добиле изборите, и покрај тоа што немаше излезни анкети и не беа објавени првични резултати. Тој ја повика ПАС веднаш да ја напушти власта.
„Нема да дозволиме дестабилизација. Граѓаните гласаа. Нивниот глас мора да се почитува дури и ако не ви се допаѓа“, рече Додон.