Премиерот Христијан Мицкоски на промотивен настан во Градско изјави дека граѓаните на претстојните локални избори ќе избираат меѓу две опции, ставајќи ги СДСМ, ДУИ и Левица во една коалиција, наспроти коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека трета опција не постои, и покрај тоа што за изборите се пријавени десетици независни кандидати.
„Граѓаните на овие избори имаат две опции. Едната опција е коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица, тоа е коалицијата Венко Филипче, Али Ахмети, Димитар Апасиев. Па и да кажев Димитар Заев немаше многу да погрешам ако направам една кованица, бидејќи гуруто во позадина е тој на оваа коалиција. Тоа е јавно, јасно профилирана коалиција“, рече Мицкоски.
Како втора опција, тој ја претстави коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и ги повика граѓаните да го дадат својот глас на 19 октомври доколку се задоволни од сработеното во изминатите 16 месеци.
„Ќе повторам, две опции се. Нема трета опција. Трета опција не постои“, нагласи премиерот.
Изјавата на Мицкоски доаѓа во контекст на поднесени 69 независни иницијативи за предлагање градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје. Дополнително, доставени се и 68 независни иницијативи за предлагање листи на советници за Советите на општините и Советот на Град Скопје.