ДИРИГЕНТКАТА ДИЈАНА ИМЕРИ-ИЛКОСКА БИЛА ДИСКРИМИНИРАНА ОД ПОРАНЕШНИОТ В. Д. ДИРЕКТОР НА ФИЛХАРМОНИЈАТА АЛЕКСАНДАР КОТЕВСКИ, УТВРДИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА

    ДИРИГЕНТКАТА ДИЈАНА ИМЕРИ-ИЛКОСКА БИЛА ДИСКРИМИНИРАНА ОД ПОРАНЕШНИОТ В. Д. ДИРЕКТОР НА ФИЛХАРМОНИЈАТА АЛЕКСАНДАР КОТЕВСКИ, УТВРДИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТАКомисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе препорака Котевски да ѝ се извини на Имери-Илкоска за сторената дискриминација во рок од 30 дена. (Фото: Филхармонија)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна дискриминација врз основ на лично својство во областа на работата и работните односи врз диригентката Дијана Имери-Илкоска од Александар Котевски, поранешен в. д. директор на Филхармонијата.

    На почетокот на јануари годинава, Филхармонијата ја отпушти Имери-Илкоска, а како што објави таа тогаш, ѝ бил забранет пристап во филхармониската зграда. Неколку дена потоа ѝ бил забранет влезот во нејзината матична куќа, додека нејзиниот уметнички профил како диригент бил избришан од официјалната вебстраница на институцијата. Таа тогаш објави дека ѝе сторена институционална неправда и побара од надлежните и од Синдикатот на културата (СКРИМ) да го разгледаат нејзиниот случај.

    „Се вработив во НУ Филхармонија на РСМ во јули 2022 година на место Стручен соработник за музичка архива-нототекар, работна позиција за која се согласувам дека сум преквалификувана согласно моето образование и професионално портфолио, како и моето досегашно искуство и кариера како диригент. Но, откако се поништи местото диригент во систематизацијата на Филхармонија во 2019 година, решив да прифатам вработување на работно место Нототекар во оваа институција на место на пензиониран колега (не специјално отворено работно место за мене) поради мојата желба во таа институција да напредувам и да го дадам својот максимум како работник, но и како музичар и уметник. Изминативе две години (од 2022 до 2024 година) мојот договор се засноваше на определено време и се продолжуваше со анекс кон договорот секоја календарска година. Според Законот за работни односи, член 46, став 3, договорот за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време ако работникот работи повеќе од две години на работното место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот. Со оглед на оваа одредба од законот и горенаведените услови кои ги исполнувам, поднесов писмено барање до Филхармонија мојот договор да се трансформира на неопределено време, а по истекување на рокот предвиден за одговор на моето барање откако не добив никаков одговор од институцијата, започната е судска постапка меѓу мене и институцијата која е сеуште во тек и која е некаква гаранција за мое враќање на работното место таму. Филхармонија, свесна за сето ова, не само што не побарала трансформација на мојот работен однос на неопределено време (со што тужбата би била повлечена веднаш и би се избегнале големите финансиски трошоци за институцијата во случај пресудата да биде во моја корист), туку наместо тоа побарала од Министерството за култура и туризам повторно продолжување со анекс договор на определено време. Истовремено, не го предвидува моето работно место во планот за вработувања за 2025 година“, објави Имери-Илкоска во јануари.

    „Замислете, бара јас да продолжам да работам, но не ме планира во годишниот план за работни места. Каква е оваа небулоза? Каков е овој контрадикторен пропуст и како настанал? Филхармонија не ги прави овие договори и годишни планови ‘сефте’. Всушност, токму овој пропуст е причина за одбивањето на финансиска согласност од страна на ресорните Министерства. Откако побарав образложение од Филхармонија зошто е така постапено, првично не добив одговор поради тоа што бил во тек судски спор, а во понатамошен разговор ми беше посочено дека не ги исполнувам критериумите за трансформација на мојот работен однос бидејќи работодавачот немал трајна потреба од работникот. Уште една небулоза! Се бара продолжување, но нема потреба од работното место, а го нема ни во план! Згора на се’, од завчера забранет ми беше пристапот во зградата (како некој кој не работи повеќе во таа институција) освен со специјално одобрение од службено лице задолжено за обезбедување“, кажа тогаш Имери-Илкоска.

    Од Комисијата велат дека сите наведени и низа други недоследности биле причина Имери-Илкоска да поднесе претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во  март. Имајќи ги предвид наводите и доказите од претставката, наводите и доказите од поднесоците за произнесување, Комисијата донесе мислење дека во конкретниот случај е извршена директна дискриминација од Александар Котевски.

    „Во поднесокот за произнесување Котевски не ја навел причината поради која не ја завршил започнатата постапка за трансформација, а дополнително останува спорно врз основа на каква претходна анализа и проценка го изменил првичниот став на институцијата дека постои потреба од вработувањето на неопределено време непосредно по неговото назначување на функцијата. Симптоматично е и тоа што, и покрај изменетиот став, тој сепак побарал согласност за вработување на определено време во траење од една година, вели Комисијата во мислењето. За забраната, односно ограничување на влезот на Илкоска во институцијата, Котевски не докажал постоење на легитимна цел и оправданост за поставување на листа на која изрично било наведено дека подносителката може да пристапи во институцијата исклучиво со претходна дозвола. Иако Комисијата оценила дека не е спорно правилото надворешните лица да влезат во објектот со најава и одобрение од директор, останува спорно зошто името на Илкоска било јавно објавено на пријавницата со дополнително нагласување дека таа може да биде пуштена во институцијата единствено со претходно одобрение, доколку ова правило важи подеднакво за сите надворешни лица. Исто така, за бришењето на уметничкиот профил на Илкоска како диригент од веб страницата на Филхармонија, Котевски не успеал да докаже дека бришењето претставува резултат на техничка грешка, а од увидот во доставениот извадок неспорно произлегува дека профилот бил последен пат уредуван (бришен и враќан) на 17.01.2025 година, односно само неколку денови по нејзината реакција и забелешка во јавноста дека профилот бил отстранет“, велат од Комисијата.

    КСЗД донесе препорака Котевски да ѝ се извини на Имери-Илкоска за сторената дискриминација во рок од 30 дена, а доколку не постапи согласно оваа препорака, Комисијата согласно своите надлежности ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира