ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА ГИ ПРЕСРЕТНА И УПАДНА НА БРОДОВИТЕ ОД ФЛОТИЛАТА КОЈА СЕ ОБИДЕ ДА СТИГНЕ ДО ГАЗА

    ИЗРАЕЛСКАТА ВОЈСКА ГИ ПРЕСРЕТНА И УПАДНА НА БРОДОВИТЕ ОД ФЛОТИЛАТА КОЈА СЕ ОБИДЕ ДА СТИГНЕ ДО ГАЗАИзраел предупреди дека продолжувањето на пловењето кон брегот на Газа ги изложува учесниците на апсење (Фото: Јутјуб.принтскрин)

    Израелската војска ги пресретна бродовите од глобалната флотила „Сумуд“, која вечерва тргна во пробив на поморската блокада на Газа во обид да достави симболична количина хуманитарна помош. Флотилата се состои од повеќе од 40 цивилни бродови со над 500 луѓе, меѓу кои се пратеници, адвокати и активисти, вклучувајќи ја Грета Тунберг.

    Пресретнувањето започна. Два брода се веќе пресретнати и изгубивме контакт со уште еден“, изјави по 20 часот италијанскиот новинар Лоренцо Д‘Агостино, кој патува со флотилата.

    Неколкумина активисти објавија видеа на социјалните мрежи во кои велат дека израелски воени бродови се приближуваат кон флотилата и им наредуваат да ги исклучат моторите. Активистите велат дека израелските војници се качуваат на нивните бродови и апсат.

    Статусот на учесниците и екипажот останува непотврден. Ова е нелегален напад врз невооружени хуманитарци. Ги повикуваме владите и меѓународните институции да побараат нивна безбедност и ослободување“, соопшти флотилата.

    Од флотилата претходно кажаа дека израелската морнарица преку радио ги известила капетаните на сите бродови дека продолжувањето на пловењето кон брегот на Газа ги изложува учесниците на апсење и третман во согласност со законот.

    Израелското министерство за надворешни работи ја опиша флотилата како провокација и ја повика да запре и да се повлече.

    Израелската морнарица стигна до флотилата и побара од неа да го промени курсот. Флотилата е известена дека се доближува до активна борбена зона и дека крши законска поморска блокада. Израел понуди мирен трансфер на помошта преку безбедни канали“, соопшти министерството.

    Италија и Шпанија испратија воени бродови минатата недела за да ја заштитат флотилата откако таа била нападната од дронови вооружени со шок-бомби и надразнувачи во меѓународните води покрај Грција. Израел не одговори на обвинувањата дека стои зад овие напади, но предупреди дека ќе преземе сѐ што може за да ги спречи бродовите да стигнат до Газа. Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја повика флотилата да запре, сметајќи дека нејзината хуманитарна мисија би можела да ги поткопа надежите за мир.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира