Израелските сили запреа 13 бродови од хуманитарната флотила „Сумуд“ која синоќа тргна во пробив на поморската блокада на Газа за да достави помош, но организаторите кажаа дека 30 бродови продолжуваат да пловат кон брегот. Израелското министерство за надворешни работи објави видео кое потврдува дека меѓу уапсените е најпознатиот учесник на акцијата, шведската активистка Грета Тунберг.
„Неколку пловила од флотилата Сумуд-Хамас се безбедно запрени, а нивните патници се префрлени во израелско пристаниште. Грета и нејзините пријатели се здрави и безбедни“, соопшти министерството.
Флотилата се состои од повеќе од 40 цивилни бродови со над 500 патници, меѓу кои се парламентарци, адвокати, новинари и активисти. Таа се обидува да достави симболична количина храна и лекови во Газа. Неколкумина учесници објавија видеа од бродовите, тврдејќи дека биле киднапирани од Израел и одведени против нивна волја.
Флотилата привлекуваше меѓународно внимание додека пловеше преку Средоземно Море, при што Турција, Шпанија и Италија испратија воени бродови за да ја заштитат од напади со дронови. Пресретнувањето на бродовите предизвика протести во Италија и Колумбија, а италијанската унија на синдикати за денеска повика на генерален штрајк во знак на солидарност со флотилата.
Израелската морнарица претходно ја предупреди флотилата дека се приближува кон активна борбена зона и ја крши законската блокада и побара од бродовите да го променат курсот. Таа понуди мирно да ја префрли помошта до Газа преку безбедни канали.
Организаторите на флотилата го осудија вчерашниот напад како воено злосторство и рекоа дека војската користела агресивни тактики, но никој не бил повреден.
„Повеќе бродови беа нелегално пресретнати, а на нив се качија израелските окупациски сили во меѓународни води“, рекоа организаторите.
Според нивните податоци, досега се пресретнати и запрени 13 бродови.
„Флотилата ќе продолжи без обесхрабрување. Триесет бродови сè уште пловат кон Газа“, соопштија организаторите.