СУДОТ ВО ЦЕЛОСТ ГО ОДОБРИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, ПОСТАПКАТА ПРОТИВ 37 ОБВИНЕТИ ЌЕ СЕ ВОДИ ВО СКОПЈЕ

    СУДОТ ВО ЦЕЛОСТ ГО ОДОБРИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, ПОСТАПКАТА ПРОТИВ 37 ОБВИНЕТИ ЌЕ СЕ ВОДИ ВО СКОПЈЕВо пожарот во диското „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, од кои и шест деца, а 200 беа повредени. (Фото: СДК.МК)

    Во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје. Советот за оцена на обвинителен акт донел решение со кое го одобрува обвинението, по што е формиран кривичен предмет кој преку АКМИС-системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска од Oдделот кривично полнолетни  за понатамошно постапување.

    „Согласно АКМИС (предметот) е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19-годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник. За сите понатамошни процесни дејствија поврзани со конкретниот предмет, како што посочивме, јавноста и странките ќе бидат благовремено известени“, соопшти Кривичниот суд.

    Во пожарот во диското „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица, од кои и шест деца, а 200 беа повредени.

    Станува збор за предмет со 37 обвинети лица и 33 бранители, кој Врховниот суд на 25 јуни одлучи од Кочани да го премести во Скопје. Образложението беше дека со случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.

    Од Кривичниот суд велат дека по приемот на актот се соочиле со низа проблеми, пред сè со доставувањето на обвинението до сите странки. Како што објаснуваат, било исклучително тешко да се лоцираат сите обвинети, бидејќи на голем дел од нив мерката притвор им била заменета, а потешкотии имало и со пронаоѓање на дел од бранителите во нивните канцеларии.

    Дополнителен проблем, според судот, било и тоа што во првично поднесениот обвинителен акт од Основниот суд Кочани не биле целосно наведени личните податоци на обвинетите, како и адресите каде се издржува мерката куќен притвор.

    Во меѓувреме, од советот за оценка на обвинението морале да бидат изземени две судијки. Судијката Билјана Коцевска побарала изземање бидејќи нејзината ќерка е бранител на дел од осомничените, а судијката Бранка Наумовска поради роднинска врска со една од жртвите. Поради конфликт на интереси, од постапување во кривичниот совет бил изземен и судијата Ивица Стефановски.

    Од судот велат дека и покрај сите овие предизвици, постапиле најефикасно што можеле, имајќи ја предвид сензибилноста на постапката, јавниот интерес и чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на починатите во пожарот.

    За сите понатамошни чекори во постапката, од судот велат дека странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.

    Судијката Груевска-Илиевска претседаваше со судечкиот совет во случајот „Ласкараци“ за автобуската несреќа во која загинаа 16 лица, а 37 беа повредени. Беше делегирана и како членка на судечкиот совет кој ги судеше организаторите на оганизираниот напад на Собраnието на 27 април 2017, а со кој претседаваше Илија Трпков. Извесно време таа го судеше и предметот „Поткуп“ против екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, додека беше во опозиција пред да стане премиер во 2017.

    Во 2017, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на јули 2017, го спаси од притвор експремиерот Никола Груевски, но и останатите обвинети во „Титаник“ за големи изборни нерегуларности: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кога двајцата судии на тричлениот кривичен совет на кој таа била претседателка изгласале одлука два спрема еден за да добие Груевски мерка притвор, Диана Груевска-Илиевска излегла надвор и веднаш го известила тогашниот претседател Стојанче Рибарев. Итно се издава службена тајна пред одбраната на Груевски дека против судијата што гласал за притвор Дарко Тодоровски имало некоја иницијатива за разрешување пред Советот за факти, адвокатите експресно бараат и добиваат негово изземање, Рибарев враќа од службен пат од Битола друг судија на негово место и се превртува исходот во два спрема еден, но за да се одбие притворот за Груевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира