ПОЧНА НАСТАВАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“, ШКОЛАТА ЗА ВОЗРАСНИ „МАКАРЕНКО“ ДРЖИ ЧАСОВИ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

    ПОЧНА НАСТАВАТА ВО ВОСПИТНО-ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“, ШКОЛАТА ЗА ВОЗРАСНИ „МАКАРЕНКО“ ДРЖИ ЧАСОВИ ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕБез настава децата во Домот учат само неколку занаети за кои добиваат сертификати. (Фото: СДК.МК)

    Почна наставата за основно образование во Воспитно-поправниот дом (ВПД) „Тетово“ во Волковија, објави на фејсбук Управата за извршување на санкциите.

    „На 01.10.2025 година Државното основно училиште за возрасни и деца во воспитно-поправните установи ‘Антон Семјонович Макаренко’ почна со спроведување на основно образование во ВПД Тетово во Волковија. Во наставата се вклучени 17 деца за кои има обезбедено лаптопи и училишен прибор и се реализира со физичко присуство и со учење на далечина. Вклучувањето и оформувањето на основното образование на децата е дел од процесот на ресоцијализација и има за цел нивна полесна реинтеграција во општеството“, објави Управата.

    Лани немаше настава во „Тетово“, а ни овој септември не почна, за што САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Министерството за образование  и наука (МОН).

    „Со законските измени, од 1 септември годинава основното општинско училиште ‘А. С. Макаренко’, кое е единствено училиште во државата каде се спроведува образовен процес за лица со надмината возраст за основно образование, се трансформираше во државно училиште и има надлежност да организира образование за возрасни на ниво на цела држава, вклучително и настава за лицата кои се наоѓаат во Воспитно-поправниот дом во Волковија, за кои од следната недела почнува онлајн настава. Но, по завршување на постапките за ангажирање на дополнителен наставен кадар, наставата ќе продолжи со физичко присуство на наставници во Домот“, одговори МОН.

    Останува непознато зошто се организира само основно образование и дали воопшто има штитеници со изречени воспитно-поправни мерки кои завршиле основно и треба да посетуваат настава од средно образование.

    Со законските измени, донесени уште пред скоро две години, отсега нема да бидат спорни свидетелствата што ќе ги добиваат овие деца од „Макаренко“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира