Стотици планинари се одведени на безбедно откако биле заробени од снежна бура на источната страна на Монт Еверест во Тибет, објавија кинеските државни медиуми. Областа била погодена од невообичаено силни врнежи од снег и дожд.
До вчера, 350 луѓе стигнале до малиот град Кваданг и бил остварен контакт со остатокот од повеќе од 200 планинари. Тие биле заглавени на надморска височина од повеќе од 4.900 метри.
Планинар кој се симнал порано откако слушнал дека снегот ја блокирал патеката изјави дека снегот на планината бил длабок еден метар и уништил шатори.
Стотици луѓе имало во зафрлената долина Карма, која води кон источната страна на Еверест, откако почнал осумдневен национален празник во Кина.
„Во планините беше многу студено и влажно и хипотермија беше голем ризик. Времето оваа година не е нормално. Еден водич кажа дека никогаш не се соочил со вакво време во октомври. И сѐ се случи многу брзо“, изјави еден учесник во спасувачката акција.
Стотици локални селани и спасувачи биле ангажирани за да го расчистат снегот што го блокирал пристапот до областа. Првичните информации кажуваа дека се заробени над 1.000 луѓе.