Словенечките спасувачи ги пронајдоа телата на тројцата хрватски планинари кои исчезнаа вчера по лавина во Јулиските Алпи. Едно од телата беше пронајдено вчера, а останатите две утрово, изјави Миха Арх, водачот на спасувачката акција.
„Телата се пронајдени закопани метар, метар и пол во снегот. Теренот е многу предизвикувачки, стрмен и карпест, поради што работата на спасувачите беше опасна и отежната. Згора на тоа, постои и опасност од нови лавини. За жал, сите тројца планинари се пронајдени мртви“, изјави Арх.
Несреќата се случи под 2.275 метри високиот врв Тосц на Јулиските Алпи. Хрватските медиуми објавија дека тројцата настрадани биле дел од група од седуммина планинари. Меѓу загинатите се и двајца браќа од Каштела близу Сплит.