Емануел Макрон побара од премиерот во оставка Себастијан Лекорну да одржи последни разговори со политичките партии во обид да се стабилизира земјата. Тие се сретнаа во Елисејската палата попладнево откако Лекорну утрово поднесе оставка по само 26 дена на функцијата, што ја фрли земјата во уште поголем политички хаос.
Француските медиуми објавија дека Макрон не планира да даде изјава денеска, поради што останува отворено кој ќе биде неговиот следен потег.
„Го прифатив барањето на претседателот за одржување последни разговори со политичките сили заради стабилноста на земјата. Ќе му кажам вечерва дали е можно или не, за да може да ги извлече сите потребни заклучоци“, изјави Лекорну.
Десничарската партија Национален собир го повика Макрон да го распушти парламентот и да свика предвремени избори, а Социјалистите, кои победија на последните избори, кажаа дека е време премиер да дојде од редовите на левицата, на што Макрон се противеше досега.
„Шефот на државата има три опции: оставка, распуштање на парламентот или назначување премиер од редовите на левицата и Зелените. Демократијата во нашата земја конечно мора да се почитува. Приоритет мора да им се даде на левицата и Зелените да управуваат со оваа земја. Ќе направиме сè за да спречиме крајната десница да дојде на власт“, изјави генералниот секретар на Социјалистичката партија, Пјер Жуве.
Лекорну беше третиот француски премиер за една година. Тој поднесе оставка неколку часа пред првиот состанок на новата влада, што Макрон ја прифати.
Лекорну потоа одржа „спонтан“ говор на скалите од резиденцијата на премиерот во Париз и ја префрли вината на опозициските партии, за кои рече дека не сакале да прават компромис. Критикувајќи ги политичките ега, тој рече дека партиите продолжуваат да се однесуваат со партиски апетити како сите да имаат апсолутно мнозинство во парламентот, кога всушност ниедна нема.
Лекорну се соочи со жестоки критики од опозициските политичари кога најави нова влада во која доминираа сојузниците на Макрон, оставајќи ги министрите речиси непроменети.