Три градинки и едно училиште во земјава добија парични казни поради несоодветно чување на храната која се готви за децата, а уништени се 24 килограми храна во градинките и 59 килограми храна во училиштата, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Инспекторите во септември спровеле контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени биле 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, како што велат од Агенцијата, издадени се девет решенија со наредби за нивно отстранување.
„Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна“, велат од АХВ.
Инспекциските служби за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекоа една парична казна и донесоа пет решенија со наредба за нивно отстранување.