ПАЛЕСТИНЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ОТКАКО ДОЈДЕ МИР ВО ГАЗА

    ПАЛЕСТИНЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА ОТКАКО ДОЈДЕ МИР ВО ГАЗАВојниците повеќе не ги блокираат патиштата кон градовите (Фото: АП)

    Илјадници раселени Палестинци пешачат низ руините на Газа за да се вратат во своите напуштени и уништени домови, откако стапи во сила прекинот на огнот, а израелските трупи почнаа да се повлекуваат според договорот за завршување на војната. Огромна колона луѓе се движи кон север по крајбрежниот пат кон градот Газа, најголемата урбана област во енклавата, која пред само неколку дена беше мета на една од најголемите израелски офанзиви во двегодишната војна.

    Како што стануваше јасно дека војниците повеќе не ги блокираат патиштата кон градовите, почетната низа се претвори во наплив од Палестинци кои се враќаат од импровизираните кампови во домовите што ги оставија зад себе.

    Израелската војска соопшти дека договорот за прекин на огнот беше активиран напладне по локално време. Првата фаза од планот на Доналд Трамп им дава на израелските трупи 24 часа да се повлечат од урбаните средини, иако тие ќе продолжат да држат повеќе од половина од Газа. Во телевизиско обраќање, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека израелските сили остануваат во Газа за да се осигурат дека Хамас е разоружан, на што групата досега не се обврзала.

    Вооружени припадници на Хамас се распоредија на улиците на Газа во областите од кои што се повлекоа Израелците за да го пополнат безбедносниот вакуум бидејќи сѐ уште не е решено кој ќе управува со енклавата. Планот на Трамп предвидува формирање на меѓународни стабилизациски сили, веројатно составени од арапските и муслиманските земји, кои ќе ја поддржуваат палестинската полиција.

    Израелската влада го ратификуваше прекинот на огнот со Хамас ноќеска по полноќ. Откако израелските трупи ќе се повлечат, Хамас има 72 часа да ги ослободи 20-темина живи заложници, во замена за 250 Палестинци кои издржуваат долги затворски казни и 1.700 лица притворени по 7 октомври 2023. Се очекува стотици камиони дневно да пристигнуваат во Газа, носејќи храна и медицинска помош.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира