Најмалку 27 лица загинаа во жестоки судири меѓу безбедносните сили на Хамас и вооружени припадници на семејството Дугмуш во градот Газа. Ова е еден од најкрвавите внатрешни конфликти во енклавата од крајот на големите израелски воени операции.
Маскирани вооружени лица од Хамас размениле оган со милитанти во близина на поранешната јорданска болница во јужниот дел на градот Газа. Сведоци изјавија дека безбедносните единици опколиле вооружена милиција и започнале тешки борби за да ги приведат нејзините членови.
Министерството за внатрешни работи, управувано од Хамас, соопшти дека осум припадници на безбедносните сили се убиени во, како што го опишаа, „вооружен напад од милиција“. Локални медицински извори потврдија дека од почетокот на борбите во саботата, загинале и 19 членови на кланот Дугмуш.
Според очевидци, судирите избувнале во населбата Тел ал-Хава, откако сила на Хамас од над 300 борци се обидела да упадне во станбен блок каде што биле забаракадирани вооружени лица од кланот Дугмуш. Жителите опишаа сцени на паника додека десетици семејства бегаа од своите домови под силен оган.
„Овојпат луѓето не бегаа од израелски напади, туку од сопствениот народ“, изјавил еден жител.
Семејството Дугмуш, еден од најистакнатите кланови во Газа, долго време има затегнати односи со Хамас и во минатото повеќепати се судрило со групата. Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговите сили го враќаат редот, предупредувајќи дека „секоја вооружена активност надвор од рамките на отпорот“ ќе биде третирана одлучно.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за тоа кој ги предизвикал судирите. Хамас тврди дека вооружени лица од Дугмуш убиле двајца нивни борци и раниле петмина, што ја предизвикало операцијата. Сепак, извор од семејството Дугмуш изјавил за локалните медиуми дека силите на Хамас дошле во зградата која некогаш служела како јорданска болница, каде што семејството се засолнило откако нивните домови во населбата Ал-Сабра биле уништени во неодамнешен израелски напад. Изворот тврди дека Хамас се обидел да го исели семејството за да воспостави нова база за своите сили.