Илија Темелковски, еден од најпознатите македонски ракометни тренери, почина на 71 годинa, објави Ракометната федерација на Македонија.
Темелковски е заслужен за создавањето на најуспешната генерација на македонски ракометари, спојувајќи ги Кире Лазаров, Наумче Мојсоски, Борко Ристовски, Влатко Темелков, Лазе Мајнов и други во тимот кој настапи на Европското младинско првенство во Атина во 2000. Со нешто изменет состав, Македонија под водство на Темелковски го освои четвртото место на младинското ЕП во Полска две години подоцна.
Темелковски подоцна ја презеде и сениорската репрезентација, која не само што ја врати на големите натпреварувања по долга пауза, туку и заврши на 11. место на Светското првенство 2009 во Хрватска, што беше вовед во континуитетот настапи кој трае до денес.
Најголемиот успех како играч му беше освојувањето на југословенскиот Куп со нишки Железничар. Како тренер најдолго работеше во Тинекс Пролет, а ги водеше и Еурофарм Пелистер и Струга.