Зелен ‘Рт за првпат во својата историја ќе игра на светското фудбалско првенство откако го совлада Есватини со 3:0 и го обезбеди првото место во својата група во африканските квалификации, пред Камерун. Со само 525.000 жители, Зелен ‘Рт стана втората најмала нација која се пласирала на СП, по Исланд, кој дебитираше во 2018.
Зелен ‘Рт е архипелаг со десет острови во Атлантскиот Океан, кој се здоби со независност од Португалија во 1975, а првпат играше во квалификации за СП 2002.
Минатиот месец, Зелен ‘Рт го победи Камерун со 1:0, со што само уште една победа го делеше од историскиот пласман на Мундијалот во САД, Канада и Мексико следната година. Оваа репрезентација моментално се наоѓа на 70. место на ранг-листата на ФИФА, а првпат го воодушеви светот пред две години, кога стигна до четвртфиналето на Африканскиот куп на нации.
Зелен ‘Рт стана популарна туристичка дестинација во последните години, но спортските успеси се ретки. Минатата година во Париз, боксерот Давид де Пина го освои првиот олимписки медал во историјата на оваа земја, кога се закити со бронза.