Францускиот премиер Себастијан Лекорну изјави дека го поддржува суспендирањето на контроверзните пензиски реформи од 2023 во обид да ја спаси владата на гласањето за доверба во парламентот, што ќе се одржи неделава. Промените кои ја покачија возрасната граница за пензионирање од 62 на 64 години се сметаа за клучна реформа во претседателството на Макрон.
„Оваа есен ќе му предложам на парламентот да ги замрзне пензиските реформи од 2023 до претседателските избори во 2027“, изјави Лекорну, по што доби аплауз од левичарските партии во парламентот.
Лекорну повторно беше назначен за премиер во петокот, четири дена откако поднесе оставка и ќе му треба поддршка од Социјалистите за да го преживее гласањето за доверба. Опозициските партии од левицата и десницата вчера поднесоа барања за гласање за доверба и побараа нови парламентарни избори.
Социјалистите кажаа дека се спремни да ја поддржат владата ако биде ветено целосно суспендирање на пензиските реформи. Тие поминаа во парламентот во март 2023, една година откако Макрон го освои вториот мандат. По неколку месеци политичка дебата, протести и штрајкови, реформите беа усвоени без гласање, што Лекорну го опиша како „рана на демократијата“.
Лекорну е третиот премиер на Франција во рок од една година, но и ако го преживее гласањето в четврток, тој ќе има тешка задача да протурка буџет што ќе го намали буџетскиот дефицит, кој се движи кон 5,4% од бруто домашниот производ оваа година.