Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на вчерашната средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, побара помош од Европската Унија за пронаоѓање на „креативно решение“ со кое би се деблокирал патот на Македонија кон членство.
Според денешното соопштение од нејзиниот кабинет, Сиљановска-Давкова изразила очекување Унијата да помогне во изнаоѓање на излезно решение, бидејќи, како што кажала, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку е важно за безбедноста и стабилноста на Европа.
„Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку ја засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор“, се вели во соопштението.
Во контекст на отворените прашања со соседите, претседателката изразила подготвеност за продолжување на разговорите со Бугарија веднаш по завршувањето на локалните избори.
Како што се вели во соопштението, Сиљановска-Давкова направила споредба меѓу Балтикот и Балканот, посочувајќи ја разликата: во првиот, земјите членки на ЕУ застанале зад своите соседи, додека во вториот, некои членки го користат привилегираниот статус за да го условуваат и блокираат политичкиот пат на соседот кон Брисел.
Фон дер Лајен вчера ја посети Македонија, како дел од балканската турнеја. Се сретна и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието Африм Гаши.