Софија Коради, основачката на образовната програма „Еразмус“, која испрати милиони млади луѓе да студираат низ Европа, почина во Рим на 91 година, објавија италијанските медиуми. Нејзиното семејство ја опиша како жена со голема енергија и интелектуална и емоционална дарежливост.
Позната како Мама Еразмус, Коради ја добила престижната американска Фулбрајтова стипендија во свои 20-ти години, по што заминала на постдипломски студии на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што магистрирала право. Откако нејзината диплома не била призната од италијанскиот образовен систем по враќањето дома, Коради почнала да развива идеја за програма за размена на студенти, која конечно ја започнала во 1987 година.
Според сајтот на „Еразмус“, околу 16 милиони студенти оттогаш учествувале во програмата. Управувана од Европска Унија, програмата ги промовира високообразовните институции низ цела Европа и поблиска соработка помеѓу универзитети.
Коради, која беше професорка на римскиот универзитет, во 2018 кажа дека идејата за програмата, родена за време на Студената војна, била нејзина лична пацифистичка мисија.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани кажа дека Коради инспирирала милиони млади луѓе кои патувале, студирале и прифаќале различни култури, припишувајќи ѝ го раѓањето на „Генерацијата Европа“.