На годинашните локални избори во шесте преспанско-пелагониски општини има 9.551 гласач помалку во однос на претходните во 2021. Земени се предвид бројките на регистрираните гласачи во двата изборни циклуса, објавени на официјалната страница на Државната изборна комисија (ДИК).
Ако се земе предвид дека приближно толку жители има Петровец (9.150), овој крај, кој отсекогаш важел за печалбарски и последните години е погоден повторно од иселенички бран, за четири години изгубил жители со право на глас колку што има оваа скопска општина.
На првото место е Битола, каде што има 4.801 гласач помалку во однос на 2021 година, на второто е Прилеп со 2.111 избирачи помалку, а на третото Ресен со намалување од 1.272 гласачи.
Состојбата не е подобра ни во руралните општини. Во Могила сега има 718 избирачи помалку, што е 15 проценти од гласачкото тело во оваа општина. Во Новаци се 547 помалку, што е над 22 проценти од вкупниот број гласачи во ова населено место. Бројката на избирачи е најмалку намалена во Демир Хисар, каде што се 102 помалку или 1,5 проценти од избирачкото тело во општината.
Ж. ЗДРАВКОВСКА