Граѓанската иницијатива „Независни заедно“ ќе бара поништување на изборите во Општина Центар и повторно гласање на сите избирачки места. Како што кажа кандидатката за градоналничка на Центар, Билјана Ивановска, направен им е грабеж, бидејќи логото не било поставено на избирачкото ливче.
„И покрај тоа што немавме финансии, а партиите имаа милиони во кампањата, ние сме барабар со нив според досегашните резултати. За грабежот што ни е направен ќе ги преземеме сите алатки за поништување на изборите“, рече Ивановска.
Кандидатот за градоначалник на Скопје, професорот Горан Марковски, кажа дека резултатите се очекувани со оглед на политичката ситуација во земјава.
„Ние го скршивме мразот и сега на сите идни независни кандидати ќе им биде полесно”, рече Марковски.
Граѓанската листа „Шанса за Центар – Независни заедно“ поднесе приговор до ДИК уште за време на гласањето преку електронска пошта и во архивата на ДИК.
Во прилог на приговорот независните кандидати прикачиле и фотографија со која докажуваат дека логото го испратиле во општинската изборна комисија на 11 септември 2025 година.
А. АНТЕВСКА