КОЊАНОВСКИ ПОБЕДИ ВО ПРВ КРУГ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА, ВМРО-ДПМНЕ СЛАВИ

    КОЊАНОВСКИ ПОБЕДИ ВО ПРВ КРУГ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА, ВМРО-ДПМНЕ СЛАВИНеофицијалните партиски пресметки од 163 обработени од 170 вкупни избирачки места покажуваат дека Коњановски освои 50, 90 отсто од гласовите. (Фото: Фејсбук)

    ВМРО-ДПМНЕ започна со славење во Битола оти според нивниот аналитички центар досегашниот градоначалник Тони Коњановски победи во прв круг на локалните избори. Неофицијалните партиски пресметки од 163 обработени од 170 вкупни избирачки места покажуваат дека Коњановски освои 50, 90 отсто од гласовите. За него гласале 17.730 од гласачите во Битола.

    На второ место е Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку со освоени 21, 80 проценти од гласовите или 7.994 гласа, а на трето место е кандидатот на СДСМ Методија Куновски со 5.792 гласови.

    Ова е првпат во политиката во Битола на второ место по број на гласови да избие независен кандидат.

    „Утре за нас е работен ден и продолжуваме каде што застанавме со работа“, рече градоначалникот  Коњановски.

    Повикувајќи се на неофицијалните податоци од партискиот аналитички центар рече дека од вкупно 36.817 за градоначалник освоил 50, 93 проценти или над 18.747 гласови. Во делот за Советот од 36.310 гласови ВМРО-ДПМНЕ освои 15.653, па СДСМ 5.349.

    „Тоа е товор и одговорност да продолжиме по патот кој заедно го зацртале. Остануваме понатаму отворени за сите граѓани со добри идеи и сите мои противкандидати, секој од нив имаше добра идеја и утре можеме дa го испиеме заедничкото кафе“, рече Коњановски.

    Во однос на Советот, ВМРО-ДПМНЕ има подобар резултат од досегашниот, освои 16 советнички места, а досега имаше 13 што значи ќе го има мнозинството. СДСМ ќе има 5, Поинаку 4, Левица 2 советника.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира