Десеттина бездомни кучиња се отруени вчера рано наутро во Кичево во непосредна близина на основното училиште „Санде Штерјоски“. Пцовисаните кучиња биле подигнати околу 17 часот. Граѓаните ни кажаа дека вработени во Комуналното претпријатие биле повикани од дома за да ги отстранат пцовисаните кучиња откако на социјалните мрежи излегле снимки, оти беше неработен ден и претпријатието не работеше.
Кичевци згрозени велат дека со години се соочени со опасностите од уличните кучиња, но ниту еден не го оправда ваквиот чин. Претпоставуваат дека сторителот намерно одбрал неработен ден, кога децата не се на училиште, да за може да го изврши овој грозен чин.
Али Лена бил меѓу првите кој ги видел како умираат кучињата и како се борат со отровот во нивните последни мигови од животот. Обидите за помош биле безуспешни, вели тој.
„Невиден хорор, умрени кучиња насекаде и на патот и во школскиот двор. Кој помина плачеше. Паѓаа пред нас кучињата, имаа бела пена на устата, беа подуени. Среќа децата не беа на училиште, но некој намерно одбрал неработен ден, испланирал да нема гужва. Ова навистина е страшно и не смее да се повтори. Некој мора да одговара“, вели Лена.
Тој кажа дека повеќето од пцовисаните кучиња долго време биле на тој реон, но имало и нови.
Бројката на улични кучиња во Кичево е алармантна. Комуналната редарска служба минатата година изброи 500 кучиња на територијата на Општината, но бројот кучиња по улиците постојано расте.
Општина Кичево за третман на улични кучина од буџетот годишно издвојува околу 20.000 евра. Според планот и програмата за решавање на проблемот со зголеменото присуство на бездомните животни, односно за контрола на нивниот број, се врши нивна масовна стерилизација, вакцинација и повторно враќање на територијата од која се заловени.
„На одредени места каде има неколку третирани кучиња после неколку денови се забележуваат нови без ушна маркица. Не се тоа млади кучиња туку се големи и возрасни, а полицијата досега нема забележано дека некој врши такво дејствие“, велат граѓаните.
Според нив, единствено решение за проблемот со кучињата скитници во Кичево е изградба на стационар.
С. ВРЕНЦОВСКА



