„Мe бутна, ми го бутна ранецот и јас бев тажен“, вели 21-годишниот Никола Стојановски, лице со Даунов синдром, вработен во техничка служба во Град Скопје, објаснувајќи како вработен во еден од секторите во Град Скопје го малтретирал. Мајката на Стојановски, Сузана Стојановска денеска со група родители на лица со попреченост и инвалидитет протестираа пред Собранието, под мотото „Стоп за дискриминација и насилство поради попреченост или хендикеп“.
„Денес сме овде, не како политичка група, не како организација, туку како родители на нашите деца, возрасни лица со попреченост кои секојдневно се борат да докажат дека можат, дека вредат и дека заслужуваат достоинствен живот и работно место. Лице со Даунов синдром, од една јавна установа беше жртва на дискриминација, психичко и физичко насилство. Случајот е документиран, и за нас тоа не е само поединечен инцидент, тоа е огледало на системот кој треба да штити, а не да повредува. Нашите деца се вработуваат според Закон за вработување, тие се интегрирани во јавни и приватни институции за да придонесуваат, не за да бидат понижувани, игнорирани и уште полошо, малтретирани. Ние не бараме милост, бараме правда, бараме човечност. Бараме институциите да го спроведат законот, а не да го користат како параван за формално вработување без реална поддршка. Законот јасно дека предвидува лицата со инвадилитет мора да имаат соодветни услови за работа, заштита од малтертирање и дискриминација и дека секој работодавач е обврзан да обезбеди адаптирано работно место и почитување на нивното достоинство“, рече Стојановска.
Таа кажа дека случјот е пријавен во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Државниот инспекторат за труд и во Министерството за внатрешни работи (МВР) и дека сѐ уште немаат добиено одговор.
„Тоа се случи пред околу еден месец, оставивме малку период да помине. Ние тоа го доживеавме како голем стрес и траума, чекав детето да се смири, јас да се смирам и да ги преземеме активностите. Јас сум самохрана мајка и нема кој друг да ги трча овие работи. Имавме средба со одговорните во Град Скопје, изнајдовме некое решение“, кажа Стојановска, додавајќи дека ќе мора да се спроведат обуки во јавната администрација за однесувањето со лицата со посебни потреби.
Стојановска рече дека ова не е прв случај на вакво малтретирање на лица со посебни потреби и токму затоа излегоа родителите на протест, за да се подигне свеста, оти, како што вели, молчењето е одобрување.
Б. НЕСТОРОСКА



