Од денеска за првпат ќе се лета директно од Скопје до главниот град на Шпанија, Мадрид. Оваа авиолинија ќе ја одржува унгарската нискобуџетна компанија „Визер“, која за летот до Мадрид доби субвенции од Владата во рамките на последниот повик за субвенционирање нови авиолинии на Министерството за транспорт и врски. Од Скопје до Мадрид и обратно ќе се лета три пати неделно односно во вторник, четврток и сабота.
На промоцијата на новата линија на Скопскиот аеродром шпанскиот амбасадор Рафаел Соријано Ортиз рече дека со тоа што за прв пат главните градови на Македонија и Шпанија се поврзуваат со дирекна авиолинија, ќе се зајакнат дипломатските и економските односи меѓу двете земји.
Директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт рече дека оваа авиолинија, како и четирите нови што почнаа да сообраќаат овие денови, се доказ дека поврзаноста на Македонија со Европа се зголемува.
„Со зимскиот ред на летови, применлив од изминатиот викенд, Меѓународниот Аеродром Скопјe е поврзан со вкупно 49 редовни дестинации во текот на целата година и 13 чартер летови“, рече Курт.
Министерот за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека ова е огромен успех за авиосообраќајот, бидејќи со воведувањето на новите линии се забележува и значителен раст на патници и туристи во Македонија.
Субвенциите што од буџетот се одвојуваат по патник во доаѓање на Скопскиот аеродром се 9 евра, а на Охридскиот аеродром 12 евра.
Од 27 октомври почнаа летовите од Скопје до Бари и Стокхолм, како и летот од Охрид до Базел. Се враќа и линијата до Ларнака. Од 15 декември, Скопје ќе се поврзе првпат со Прага, а се враќа и линијата до Келн. Сите линии ќе ги одржува унгарската „Визер“.
Десеттата нова дестинација е линијата од Скопјe до Женева, која „ИзиЏет“ ќе ја врати на 3 ноември.
Од 30 март 2026, двата аеродрома ќе бидат поврзани со уште три нови дестинации. Од Скопје, „Визер“ ја враќа редовната линија до Будимпешта, а истиот ден авиокомпанијата отвора нов лет до Неапол. На 30 март 2026, Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе биде поврзан со Милано.
А. АНТЕВСКА



