Доналд Трамп им нареди на шефовите на американската војска да продолжат со тестирања на нуклеарното оружје за да може САД да го држат чекорот со земји како Русија и Кина. Америка не извела вакви тестирања од 1992 година.
„Поради програмите за тестирање на други држави, му наредив на Министерството за војна да започне со тестирањето на нашето нуклеарно оружје на еднаква основа. САД имаат најмногу нуклеарно оружје на светот, Русија е втора, а Кина е далеку на третото место“, кажа Трамп.
Ова следува неколку дена откако тој го осуди руското тестирање на нов нуклеарен проектил, за кој се вели дека има неограничен дострел. Иако ја призна огромната уништувачка сила на нуклеарното оружје, Трамп кажа дека немал избор освен да го обнови американскиот арсенал.
„Кинеската нуклеарна програма ќе нѐ стигне во рок од пет години“, предупреди Трамп.
Тој не откри детали како и каде ќе се вршат тестирања, но кажа дека процесот ќе почне веднаш. Ова означува голем пресврт во долгогодишната американска политика. Во 1992, тогашниот претседател Џорџ Буш издаде мораториум на тестирања како резултат на завршувањето на Студената војна.
Русија викендов објави дека успешно тестирала две нови оружја способни да носат нуклеарни боеви глави: ракета за која Кремљ рече дека може да ги пробие американските одбранбени системи и подводен дрон наречен „Посејдон“, способен да го погоди американскиот западен брег и да предизвика радиоактивни океански бранови. Сепак, тие тестови не вклучуваа детонација на нуклеарно оружје.
Според американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии, Кина речиси го удвоила својот нуклеарен арсенал во последните пет години и се очекува да надмине 1.000 оружја до 2030. САД имаат околу 5.225 боеви глави, а Русија околу 5.580.



