Најмалку 15 патници се повредени и пренесени во болница откако авион на американската авиокомпанија „ЏетБлу“ нагло загуби висина, што доведе до принудно слетување во Флорида, соопштија американските власти.
Авионот летал од Канкун, Мексико, кон Њуарк, Њу Џерси, кога во четвртокот се случил инцидентот. Федералната воздухопловна администрација (ФАА) соопшти дека авионот бил пренасочен кон меѓународниот аеродром во Тампа околу 14 часот, откако екипажот пријавил „проблем со контролата на летот“.
„Ќе спроведеме целосна истрага за да ја утврдиме причината“, соопштија од „ЏетБлу“. ФАА исто така потврди дека отвора истрага за случајот.
Медицински екипи ги пречекале патниците и екипажот на пистата. Според информациите од противпожарната служба во Тампа, меѓу 15 и 20 лица биле пренесени во болници со повреди кои не се опасни по живот. Аудиоснимките од контролата на летање, објавени од „ЛајвАТЦ.нет“, откриваат дека пилотите пријавиле „повреди, вклучувајќи можна расекотина на главата“.
Од авиокомпанијата велат дека авионот, модел „Ербас А320“, е повлечен од употреба и е испратен на инспекција.



