Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 13 часот изнесува 18,05 отсто. Според податоците, досега гласале 182.436 граѓани. Ова претставува помал одѕив во споредба со првиот изборен круг, кога до истото време гласале 20,07 отсто од избирачите.
Во Градот Скопје, каде што исто така се гласа за градоначалник, излезноста до 13 часот е 15,28 проценти, односно своето право на глас го искористиле 71.849 граѓани.
Најголем одѕив е забележан во Пробиштип со 36,66%, Крушево со 34,86% и Лозово со 34,54%. Спротивно на тоа, најмала излезност има во Сарај (3,58%), Чаир (5,35%) и Шуто Оризари (12,78%).
Од скопските општини, најголема излезност е регистрирана во Карпош со 22,14%, потоа следат Центар со 21,58% и Кисела Вода со 19,57%.
Во вториот круг од локалните избори се избираат градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани на 1.771 избирачко место.



