Компанијата „Аустријан ерлајнс“ идното лето ќе лета од Виена за Охрид. Првиот лет е закажан за 17 мај 2026 и картите се веќе достапни во резервациониот систем. За почеток, австриската компанија која е дел од „Групацијата Луфтханза“ ќе лета еднаш неделно, а во јули и август ќе ја одржува линијата два пати неделно со авион од типот „ербас- А320“.
Последниот лет за идната година е закажан за 27 септември.
Се очекува „Аустријан“ да ја пополни празнината што ќе се отвори откако „Визер“ ќе ја укине линијата Виена-Охрид на 14 март идната година. Во зимскиот период унгарската нискобуџетна компанија лета од австрискиот главен град за Охрид двапати неделно. Оваа авиолинија “Визер“ ја одржува безмалку седум години, од 17 ноември 2018 година.
Од 17 март идната година, во летниот распоред, наместо од Австрија, „Визер“ ќе лета за Охрид три пати неделно од словачкиот главен град Братислава.
„Визер“ ја укинува линијата од Виена за Охрид затоа што напролет ќе ја затвори базата на Виенскиот аеродром поради силна конкуренција и зголемени трошоци предизвикани од зголемените давачки кон државата. Дел од флотата ќе оперира од соседната Братислава. Растојанието помеѓу аеродромите во Виена и Братислава е 70 километри.
И двете линии не се дел од владината шема за субвенционирање на авиосообраќајот, затоа што не се третираат како нови дестинации, ни рекоа од Министерството за транспорт.
Според јавниот повик од Министерството за транспорт, субвенциите за отварање нова линија до Охрид се 12 евра по патник во доаѓање.
Тендерот од 3,36 милиони евра е отворен до декември 2027 по принципот „прв дојден, прв услужен“ и важи за сите авиокомпании кои превезле над пет милиони патници и оствариле нето профит од најмалку десет милиони евра во 2024 година.
Погодноста за субвенции до Охридскиот аеродром ја користи „Туркиш ерлајнс“ со отварањето на линијата од Истанбул на 30 март оваа година со четири лета неделно.
А. АНТЕВСКА



