Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека е подготвен да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, но дека Русија нема да се откаже од своите основни услови за завршување на војната во Украина.
Напорите на Доналд Трамп да посредува во завршувањето на војната досега беа неуспешни и тој минатиот месец ненадејно го откажа планираниот самит со Владимир Путин во Будимпешта. Кремљ во петокот ги отфрли извештаите на западните медиуми дека Лавров ја изгубил наклонетоста на Путин откако пропаднаа плановите за самитот.
„Државниот секретар Марко Рубио и јас ја разбираме потребата од редовна комуникација. Важно е да се разговара за украинското прашање и да се промовира билатералната агенда. Затоа комуницираме преку телефон и сме подготвени да одржуваме директни средби кога е потребно“, рече Лавров.
Тој рече дека „разбирањето“ што го постигнаа Путин и Трамп на нивниот самит на Алјаска се базира на барањата на Путин од јуни 2024 и идеите на претставникот на Трамп, Стив Виткоф. Путин ги изложи своите основни услови во јуни 2024, барајќи од Украина да се откаже од плановите за приклучување кон НАТО и да ги повлече своите трупи од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, кои Русија ги прогласи за своја територија во 2022.
Володимир Зеленски призна дека некои територии би можеле да бидат признати како привремено окупирани, но отфрли какво било фактичко признавање.
„Сега чекаме потврда од САД дека договорите од Алјаска остануваат во сила. Во контекст на САД, никој не ги доведува во прашање територијалниот интегритет на Русија и изборот на жителите на Крим, Донбас и Новоросија да се обединат со својата историска татковина“, кажа Лавров.
Новоросија е име што Русите го користат за делови од југоисточна Украина кои биле дел од царска Русија во 18. и 19. век.



