СВЕТСКИ ПОЗНАТИ АРХИТЕКТИ ЈА ТРАНСФОРМИРААТ ТИРАНА, ПРЕМИЕРОТ РАМА ВЕЛИ ДЕКА ДОБРА АРХИТЕКТУРА НОСИ ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ ВО ЗЕМЈАТА

    СВЕТСКИ ПОЗНАТИ АРХИТЕКТИ ЈА ТРАНСФОРМИРААТ ТИРАНА, ПРЕМИЕРОТ РАМА ВЕЛИ ДЕКА ДОБРА АРХИТЕКТУРА НОСИ ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ ВО ЗЕМЈАТА„Даунтаун уан Тирана“ има пикселизирана мапа на Албанија на својата фасада (Фото: Дезин)

    Албанија стана неочекувано жариште на впечатлива модерна архитектура, со големи проекти што ги изведуваат врвни меѓународни студија, како „MVRDV“, „BIG“ и „Bofill Taller de Arquitectura“. Премиерот Еди Рама смета дека неговото верување во моќта на архитектурата ќе направи позитивни промени во Албанија.

    „Јас цврсто верувам во архитектурата и во моќта на архитектурата да влијае на начинот на кој живееме. Мислам дека за земја како Албанија добрата архитектура е возвишено присуство, таа е извор на дополнителна енергија за општеството и за начинот на кој ја замислуваме нашата иднина“, вели Рама во интервјуто за реномираниот сајт за архитектура „Дезин“.

    Кулата „Скендербег“ е заснована врз ликот на националниот херој на Албанија (Фото: Дезин)

    Рама признава дека има посебен интерес за архитектурата и неодамна беше домаќин на првото издание на фестивалот за архитектура „Леб и срце“ во Тирана.

    За мене, фестивал за архитектура е поважен од политички самит. Самиот придонесов за овој фестивал затоа што верувам дека архитектите треба да имаат поголема улога во развојот на градовите и земјите“, рече Рама.

    Пред да стане премиер пред 13 години, Рама беше градоначалник на Тирана и ја иницираше тековната трансформација на градот со рушење на бројни неформални објекти.

    „Како градоначалник и како човек кој мораше да помине низ еден пеколен период на градот, рушејќи повеќе од 10.000 нелегални објекти и обидувајќи се да сфатам што да правам со останатите, сфатив дека добрата архитектура може да го промени правецот на градот на многу начини“, рече тој.

    Португалското студио „OODA“ дизајнира неколку облакодери во градот (Фото: Дезин)

    Во Тирана моментално се градат неколку радикални висококатници, дизајнирани од некои од најпознатите архитектонски студија во светот, како „MVRDV“, „Stefano Boeri Architetti“, „OMA“ и „Bofill Taller de Arquitectura“. Рама вели дека сака да се осигура дека архитектурата создадена во сегашниот бран на развој е единствена за Албанија.

    „Кога станува збор за идентитетот, се обидуваме да им кажеме дека сакаме згради што се поврзани со интелигенцијата на територијата. Не сакаме генеричка архитектура или глобална архитектура, не сакаме да имаме прекрасни згради што му припаѓаат на светот, а воопшто не ни припаѓаат нам. Сакаме згради што ни припаѓаат и нам и на светот, сакаме љубовни приказни помеѓу архитекти и Албанија“, вели Рама.

    Во Тирана моментално се градат неколку радикални висококатници (Фото: Дезин)

    Некои од зградите во изградба директно асоцираат на земјата, како кулата „Скендербег“, заснована врз ликот на националниот херој на Албанија и „Даунтаун уан Тирана“, која има пикселизирана мапа на земјата на својата фасада.

    Рама е горд на бројот на меѓународно признати архитекти кои моментално работат во неговата земја.

    „Кај нас работи голем дел од кремот на денешните архитекти и навистина е многу трогателно и емотивно да се види кои имиња ни се обраќаат. Тие сакаат да работат со нас и да бидат дел од ова искуство“, кажа Рама.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира