ТРАМП МУ СЕ ЗАКАНИ НА БИ-БИ-СИ СО ТУЖБА ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ПОРАДИ НЕГОВ МОНТИРАН ГОВОР

    ТРАМП МУ СЕ ЗАКАНИ НА БИ-БИ-СИ СО ТУЖБА ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ПОРАДИ НЕГОВ МОНТИРАН ГОВОРГенералниот директор и извршната шефица на вестите на Би-Би-Си поднесоа оставки поради скандалот (Фото: АП)

    Доналд Трамп се закани дека ќе го тужи Би-Би-Си и ќе бара отштета од милијарда долари поради тоа што негов говор бил монтиран во документарец прикажан на британската национална телевизија.

    Претседателот на Би-Би-Си, Самир Шах, се извини за „грешка во проценката“, откако вчера оставки поднесоа генералниот директор Тим Дејви и извршната шефица на вестите Дебора Тарнес.

    Во изминатите денови „Дејли телеграф“ известуваше за интерен документ изработен од поранешен советник на Би-Би-Си, во кој биле наведени низа грешки во работењето на телевизијата, вклучително и начинот на кој бил монтиран говорот на Трамп од 6 јануари 2021. Документот сугерираше дека водечката програма „Панорама“ монтирала два дела од говорот на Трамп за да изгледа како тој да ги охрабрува немирите во американскиот Конгрес во јануари 2021.

    Едночасовниот документарец „Трамп: Втора шанса?“ беше емитуван на Би-Би-Си пред претседателските избори во САД во 2024. Шах рече дека Би-Би-Си прифатил дека „начинот на кој бил монтиран говорот оставил впечаток на директен повик за насилна акција“.

    Бараме од Би-Би-Си да ги повлече лажните, клеветнички, омаловажувачки и провокативни изјави, да се извини и соодветно да го обесштети претседателот Трамп за предизвиканата штета или ќе се соочи со судска постапка за отштета од една милијарда долари“, рече адвокатот на Трамп, Алехандро Брито.

    Трамп претходно ги поздрави оставките на двајцата раководители на Би-Би-Си и му се заблагодари на „Дејли телеграф“ за „разоткривањето на овие корумпирани новинари и нечесни луѓе“.

    Трамп во документарецот беше прикажан како им вели на своите поддржувачи „ќе одиме пеш до Капитол“ и „пеколно ќе се бориме“, иако втората изјава ја кажа во друг контекст во друг дел од својот говор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира