Дел од новоотворен мост во југозападната кинеска провинција Сичуан се урна заедно со национален автопат што ја поврзува земјата со Тибет, објавија локалните власти, додавајќи дека нема извештаи за жртви.
Полицијата го затвори 758 метри долгиот мост за сообраќај во понеделникот попладне откако се појавиле пукнатини на структурата и на околните падини и биле забележани поместувања на теренот на една планина. Вчера попладне, условите на планинската падина се влошиле, предизвикувајќи лизгање на земјиштето, што довело до уривање на пристапниот мост, објави регионалната влада.
Видео од уривањето прикажа како се распаѓа дел од мостот, исфрлајќи огромни облаци прашина по околните планински падини, додека столбовите паѓаат во водата. Останатиот дел од мостот виси над реката.
Изградбата на мостот траела 19 месеца и тој бил отворен во април годинава.



