„Не е срамота да побараш помош“, вели Мис на Македонија Чарна Невзати по повод месецот посветен на машкото здравје, што традиционално во светот се одбележува секој ноември. Заедно со фитнес тренерот Иван Крстевски, Невзати вежбаше во знак на поддршка за грижата за машкото физичко и ментално здравје, во акцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК за „Мовембер“ во која снимивме и куси видеа што се поставени на нашите официјални профили на Јутјуб, Инстаграм и Тикток.
„Ноември е месец кога зборуваме за нешто што ретко се спомнува, машкото ментално здравје. Во општество каде што од мажите се очекува секогаш да бидат силни, да не покажуваат емоции и да не бараат помош, многу често тишината станува најголемиот непријател“, вели 20-годишната студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
„Мовембер“ е глобален годишен настан што се одржува во ноември, фокусиран на здравјето на мажите, при што учесниците пуштаат мустаќи за да ја подигнат свеста и да соберат средства за проблеми како што се ракот на простата и тестисите, менталното здравје и спречувањето на самоубиства. Во текот на овој месец, низ разни форми се пренесуваат пораки и активности за да се подобри здравјето на мажите.
Чарна Невзати е победничка на ораторскиот натпревар „Иво Пухан”, кој се одржува со години на скопскиот Правен факултет. Вели дека смета оти менталното здравје е еднакво важно како и физичкото.
„Биди пример, не само со тоа колку тежина можеш да подигнеш, туку и со тоа колку тежини во животот можеш да поделиш со некого. Да покажеме дека грижата за умот е исто толку важна колку и грижата за телото. Менталното здравје не е знак на слабост, туку на храброст. Да зборуваш, да се отвориш, да побараш помош, тоа е вистинска моќ“, вели таа.

Биди пример, не само со тоа колку тежина можеш да подигнеш, туку и со тоа колку тежини во животот можеш да поделиш со некого, вели Чарна Невзати; – Со фитнес тренерот Иван Крстевски на снимањето на видеото за „Мовембер“.(Фото: СДК.МК)
Пред изборот за Мис на светот кој се одржа во мај Хајдерабад, Индија, Чарна ни рече дека нејзина најголема цел е да се бори за правдата.
„Моја најголема цел е да станам успешен правник кој ќе се бори за правда и ќе направи позитивна промена во општеството. Верувам дека убавината и интелектот не се спротивставени, туку се совршена комбинација кога се користат со вистинска намера“, ни кажа таа и додаде дека сака Македонија да стане видлива на светската мапа.
М. ЏАРОВСКА



