Поранешниот градоначалник на Сарај Блерим Беџети, сегашен пратеник од ДУИ, по обемна истрага од Финансовата полиција денеска доби кривична пријава за проневера на 108 милиони денари или 1,7 милиони евра.
Сомневањата се дека групата на чело со тогашниот градоначалник Беџети (поранешен министер за правда) измислила урбанизација на неурбанизирана парцела во ДУП, изработила лажна дозвола за градба, измислиле надомест за уредување градежно земјиште, па дури извршиле и „технички преглед“ на нелегално изградениот објект, сопственост на фирма од Глумово, родното село на Беџети.
Кривичната пријава е поднесена до Скопското обвинителство и во неа, покрај Беџети, пријавени се уште седум лица, меѓу кои има и двајца од администрацијата на Град Скопје.
Од Обвинителството рекоа дека е примена кривичната пријава. Ако се бара притвор за Беџети, треба да се свика Собраниска седница и пратениците да одлучат за неговиот имунитет.
Кривичната пријава е против осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против лицата: Б.Б. во својство на поранешен градоначалник, С.Ш. и Ќ.К. во својство на поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А. во својство на раководители на сектор за урбанизам во Општина Сарај, А.Ш. во својство на помлад соработник во Општина Сарај, И.Б.Ш. во својство на раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и Љ.Т. во својство на надзорен инженер, за сторени кривични дела: Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик на РСМ, Несовесно работење во службата од член 353–в од КЗ и Фалсификување или уништување на деловни книги од член 280 од КЗ.
„Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина. На овој начин, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект ‘Азра Идриз’ ДООЕЛ с. Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари“, вели Финансовата полиција.
С. К. ДЕЛЕВСКА



