ЈОВИЦА ИЛИЕВСКИ ГО ДОБИ УВЕРЕНИЕТО ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА БРВЕНИЦА, НЕ ДОЈДЕ НИКОЈ ОД КОАЛИЦИОНИОТ ПАРТНЕР „ВРЕДИ“ НА ВМРО-ДПМНЕ

    ЈОВИЦА ИЛИЕВСКИ ГО ДОБИ УВЕРЕНИЕТО ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА БРВЕНИЦА, НЕ ДОЈДЕ НИКОЈ ОД КОАЛИЦИОНИОТ ПАРТНЕР „ВРЕДИ“ НА ВМРО-ДПМНЕИлиевски од ВМРО-ДПМНЕ победи во вториот круг, со само 150 гласови повеќе од Хаќим Рамадани од „Вреди“. (Фото: СДК.МК)

    Изборната комисија на Општина Брвеница денеска му го предаде Уверението за избор на градоначалник на Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. На Илиевски ова му е втор мандат како градоначалник на Општината.

    „Продолжуваме со работа со заеднички сили без поделби, без предрасуди и со исто темпо како во првиот така и во вториот мандат. Започнатите проекти во првиот мандат мислам дека сите ќе ги завршиме во вториот за да докажеме дека Општина Брвеница е заедничка Општина на Македонци, Албанци и на сите останати. Без поделби и предрасуди ќе продолжиме и во вториот мандат“, рече Илиевски.

    Веднаш потоа, градоначалникот Илиевски со парче торта ги почести членовите на Избирачкиот одбор, вработените во Општината и новоизбраните советници од Советот, но не и оние од „Вреди“ кои не дојдоа на врачувањето на Уверението на градоначалникот.
    Дека има проблеми во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ- „Вреди“ во Општина Брвеница се виде и од попладневната седница на Советот, на која за претседавач е избран Роберт Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ кој доби 6 гласови од  својата партија и 2 од СДСМ, додека советниците од „Вреди“ и Колаицијата НАИ предводена од ДУИ гласаа воздржано. Во новоизбраниот Совет  ВМРО-ДПМНЕ има 6 советници, 2 има СДСМ, 3 има НАИ и 4 „Вреди“.

    После првиот круг од локалните избори Јовица Илиевски освои над 1.300 гласови повеќе од второпласираниот Хаќим Рамадани од „Вреди“. Во предизборната кампања за вториот круг Рамадани изјави дека никогаш нема да гласа за Македонец кандидат па макар тој да бил и од коалициониот партнер и ги повика албанските гласачи, меѓу кои и оние од ДУИ, да се обединат и да гласаат против македонскиот кандидат. Сличен повик за гласањето во Брвеница изјави и градоначалникот на Тетово Билал Касами, кој подоцна ја повлече изјавата, односно кажа дека погрешно бил разбран.

    Во вториот круг Илиевски извојува победа, но само со 150 гласови повеќе од Рамадани.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира