Амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола ѝ го врачи брендот „LabelFranceEducation“, што го доделува француското Министерство за Европа и надворешни работи како признание за извонредност на двојазичните (билингвални) франкофонски паралелки во странство. Призанието гимназијата го доби на 20-годишниот јубилеј од почнувањето со работа на билингвалните паралелки на француско-македонски наставен јазик.
„Охрабрете се да зборувате. Дури и ако зборувате со грешки, нема проблем, важно е да се научиме да зборуваме. За еден жив јазик е важно да се служите со него, како машина за перење, треба да го користиме. Ќе ви признаам дека двапати учев германски и двата пати го заборавив зашто немав можност да го говорам. Веќе кога сте направиле напор да научите еден јазик, треба да бидете храбри и да го говорите“, рече амбасадорот Ле Риголер на синоќешната свеченост во Офицерскиот дом во Битола.
Во 2005 година во гимназијата започна билингвалната настава која вклучува професори по француски јазик, историја, географија, математика, македонски јазик и литератира и хемија. Наставата не само што овозможи напредно изучување на францускиот јазик, туку и бројни меѓународни соработи и ученички размени во кои беа вклучени над 2.000 ученици.
„Признането го добиваат само оние образовни институции кои демонстрираат високи стандарди на наставата на француски јазик. Гимназијата станува дел од меѓународната мрежа на училишта кои ја негуваат франкофонијата како образовна и културна вредност. Билингвалната настава во гимназијата е пример и за успешна соработка меѓу Македонија и Франција. Овој проект е конкретен израз на француската поддршка за развој на билатерални односи засновани на доверба, почит и заеднички европски врендости“, рече директорката на гимназијата Лидија Споа.
Преку видеоврска на свеченоста се обратија поранешни ученици од билингвалните паралелки кои денес студираат или дипломирале на познати универзитети во светот, а притоа им помогнало солидното познавање на францускиот јазик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



