Со резерва дали да се обраќа со истите неисполнети барања од лани, како што рече, Државниот обвинител Љупчо Коцевски денеска пред собраниската Комисија за финансирање и буџет побара од пратениците да интервенираат амандмански на дополнително ускратените средства за работа Обвинителството, од страна на Министерството за финансии и Владата. Доведено е во прашање функционирањето на органот на гонење кривични дела во Македонија, предупреди тој.
Додаде дека не станува збор за покачување плати, туку дека на Обвинителството му требаат средства за да работи и оти на тоа Европската комисија ѝ укажува на Владата и во Извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година.
„Лично, многу размислував дали воопшто треба да се обраќам повторно од оваа говорница пред вас со истите барања како и лани. Уште повеќе што истите наши барања кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на обвинителството и на правосудството воопшто. Сепак, одбрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството. Во вкупен обем на средства, износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.
Коцевски сака да ѝ стане јасно на целата јавност дека не станува збор за средства за некакво покачување на плати, ниту во Предлог-буџетот за 2026 година, а за разлика од други институции, на вработените им се недозволени средствата за додатоци кои законски им следуваат.
„Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на обвинителството“, алармираше Коцевски пред пратениците.
Ќе нема доволно пари ни за поскапи истраги за да може да има конфискација на криминално стекнатиот имот на престапниците.
„Со реформската агенда пред јавното обвинителство, но и пред сите нас како држава стојат сериозни реформски зафати кои мора да се реализираат во 2026. Тие предвидуваат јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање на дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За ниту еден од овие реформски чекори во буџетот за следната година нема доволно средства, ниту има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат“, кажа неубави предвидувања Коцевски, поради тоа што државата му ги врзува рацете на Обвинителството.
Кадровските ресурси се посебен очај поради кој има опасност да настане хаос во органот за гонење на криминал и буквално да се случат кавги за дактилографка, за стручен соработник, за ИТ-експерт.
Уште поголем проблем е што Академијата за судии и обвинители е блокирана, нема нови кадри на повидок во наредните минимум 4 години.
„Морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10% на вработени кои си заминуваат по различни основи (околу 40 вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат околу 30% и од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, алармираше денеска Коцевски.
Со 30.000 евра за сите обвинителства, тоа не може да аплицира, не е конкурентно ни за средствата од ИПА-програмата кои му следуваат и може да ги искористи за модернизација.
За наводното неработење за кое ги прозива премиерот Христијан Мицкоски секој ден, а вчера на Коцевски прашан за разрешувањето, посебно му се закани со зборовите :„Почекајте, ќе видите“, Државниот обвинител почна од „Пулс“, преку „Онкологија“ и „Адитив“, па ги наведе сите поголеми истраги што се завршени, изнесувајќи ја вкупната статистика за сработени истраги од Обвинителството за 2025 година.
„Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци“, проба Коцевски и математички да им предочи на Министерството за финансии, Владата и на пратениците што значи да се гони криминал и колку чини таа работа.
Заврши со илустрација дека секој обвинител и секој вработен во Обвинителството работи по 5 работи и 5 работни места и оти таквата состојба е веќе неодржлива.
С. К. ДЕЛЕВСКА



