ЗА ПРВПАТ ПРЕСАДЕНА РОЖНИЦА ВО ЗЕМЈАВА

    ЗА ПРВПАТ ПРЕСАДЕНА РОЖНИЦА ВО ЗЕМЈАВАНа Клиниката за очни болести беа изведени девет трансплантации на рожница, под менторство на медицинска делегација од Универзитетот Дјук од САД. (Фото: Министерство за здравство)

    Извршена е прва трансплантација на рожница во Македонија во јавното здравство, соопшти Министерството за здравство. На Клиниката за очни болести беа изведени девет трансплантации на рожница, под менторство на медицинска делегација од Универзитетот Дјук од САД,  една од водечките светски институции во клиничката медицина. Од изведените интервенции, според медицинска индикација, две беа направени со методата ДМЕК – најсовремена техника при која се трансплантира само еден микронски слој од рожницата, што првпат се изведе во нашата земја, и останатите седум беа пенетрантни кератопластики (ПРК), првпат во јавното здравство по половина век.

    Трансплатациите беа реализирани од тимот на Клиниката за очни болести во состав: директорката д-р Наташа Трпевска-Шекеринов, доц. д-р Христијан Дума, прим. д-р Бисера Велковска, асс. д-р Ана Трпеска-Бошкоска, анестезиолозите д-р Катерина Аспроска-Блажевска и д-р Ангелина Трајчевска, анестетичар Канита Арифи, како и медицинските сестри и инструментарки дипл. мс. Билјана Трајчева, мс. Тамара Тасевска, дипл. мс. Суреја Идризи, дипл. мс. Марина Трајковска и целиот персонал на клиниката.

    „Започнувањето на ова поглавје е резултат на едногодишна, темелна и посветена подготовка започнувајќи од организирањето на националната листа на чекање, усогласувањето на протоколите и административните процедури, до создавање партнерство со Универзитетот Дкук. Верувавме дека нашата земја има потенцијал за современа трансплантација на рожници и денес тоа го покажуваме со првите успешни трансплантации“, изјави националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска.

    Според директорката д-р Трпевска-Шекеринов, ова претставува исклучително значаен и долгоочекуван чекор напред за македонското јавно здравство, за нивната институција, но пред сѐ за пациентите кои имаат потреба од ваков вид високо-специјализиран третман.

    „Партнерството со Универзитетот Дјук, нивната донација на ткива и директната соработка во оперативните сали создадоа силен темел за натамошен развој на програмата“, рече директорката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира