Истражувачите го открија најголемиот познат комплекс од пајажина во светот. Пајажината е во забита пештера на границата меѓу Грција и Албанија, позната како Сулфурна Пештера, зафаќа површина од околу 106 квадратни метри и е дом на повеќе од 111.000 пајаци, според истражувањето објавено минатиот месец во списанието „Сабтерејниан бајолоџи“ (Subterranean Biology).
Огромната мрежа се протега по карпестите ѕидови на премин и се состои од безброј потструктури во облик на инка, според сликите и видеото објавени во грчките медиуми изминатава недела.
Научниците во својот труд ја опишуваа пајажината како „извонреден збир на колонија на пајаци“. Структурата е еден вид мозаик од мрежа што е изграден заеднички од два различни вида пајаци – однесување што не е забележано претходно.
Колонијата се состои од околу 69.000 примероци од обичниот домашен пајак Tegenaria domestica, кој се наоѓа и во Централна Европа; и 42.000 примероци од видот Prinerigone vagans, кој припаѓа на семејството на крошнести пајаци. И двата вида вообичаено се самотни и обично се наоѓаат во близина на човечки населби. Според главниот автор Иштван Урак од Универзитетот Сапиентија во Романија, екстремните услови во темната, високо сулфурна средина можеби го поттикнале необичниот соживот.



