Димитар Богески е нов директор на Државниот архив на Македонија, соопшти институцијата. Богески 19 години е вработен во Архивот и досега беше заменик-директор. Тој доаѓа на местото на Наташа Котлар-Трајкова, која минатата недела во јавноста соопшти дека преку телефонски повик била разрешена од Владата.
„За директорот Богески оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани. Тој упати благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период“, соопшти Архивот.
Од таму велат дека целта на новиот директор е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија заради подобра и поефикасна работа.



