АКО НЕМА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ, ДА ВИДИМЕ ШТО ЌЕ БИДЕ СО ЗАПАДЕН БАЛКАН, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НИКОЛОСКИ НА ВИЕНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ

    АКО НЕМА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ, ДА ВИДИМЕ ШТО ЌЕ БИДЕ СО ЗАПАДЕН БАЛКАН, РЕЧЕ ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НИКОЛОСКИ НА ВИЕНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМДа зборуваме отворено и директно и да бидеме фер: ако нема проширување, тогаш да видиме што ќе се случува, ако е пакет, тогаш да дискутираме дали може да функционира или не, рече Николоски. (Фото: Министерство за транспорт)

    Перцепцијата од придобивите од членството во ЕУ е сè уште голема, но Западен Балкан е најслаб дел од европскиот континент и затоа е важен јасен фокус и визија, рече вицепремиерот Александар Николоски на отворањето на Виенскиот економски форум. Тој рече дека се неопходно да се каже вистината и дека не може постојано да се даваат лажи ветувања за ЕУ.

    „Ако треба да се запрашаме кој е најслабиот дел од европскиот континент, некои ќе речат Грузија, некои Молдавија, јас би рекол дека е Западен Балкан. И затоа сметам дека фокусот е многу важен – јасен фокус и јасна визија. Она што ме плаши, и ќе бидам искрен, е дека ќе се разбудиме во 2029 година, тука, ако нè поканите, и сè уште ќе зборуваме за проширувањето, дека ќе биде убаво и дека ќе се случи. Бидејќи ова не е првпат да сме тука, да има динамика. Она што е позитивно е што енергијата во регионот сè уште е висока, јавното мислење е во полза на приклучување на Европската Унија и другите сили сè уште не ѝ се конкуренција на ЕУ. Но прашање е дали тоа ќе биде засекогаш и затоа сметам дека треба да бидеме мудри и храбри, но и да зборуваме отворено и директно и да бидеме фер: ако нема проширување, тогаш да видиме што ќе се случува, ако е пакет, тогаш да дискутираме дали може да функционира или не. Подобро е на луѓето да им се каже вистината, отколку постојано да ги лажеме или да им даваме лажни ветувања или да подгреваат очекувања кои потоа нема да се остварат“, рече Николоски и додаде дека економската соработка е суштината на приоритетот во регионот.

    Тој кажа дека голем број на луѓе го напуштаат регионот и спомна дека во Македонија на Локалните избори некои општини не добија градоначалник бидејќи не можат да дојдат до цензус од 33% излезност, оти најголем дел од луѓето се преселени во централна или западна Европа.

    „Затоа мислам дека е важно да се фокусираме на економијата. Австрија игра огромна улога во регионот, многу австриски компании се присутни во регионот, работат добро, добредојдени се и мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме заедно – да носиме повеќе инвестиции, да имаме поголема размена, повеќе бизниси, што мислам дека потоа ќе придонесат кон други работи што ги споделуваме – демократија, просперитет, владеење на право и заедничка соработка меѓу нас“, рече Николоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира