Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на заедничка седница денеска во Собранието го разгледаа најновиот Извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија кон ЕУ за 2025, на што учествуваа и евроамбасадорот Михалис Рокас и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а при што сосем спротивни оценки за Извештајот дадоа власта и опозицијата.
Уставните измени, слабиот напредок во форбата против корупцијата и функционирањето на судстото, обврските од реформската агенда и измените во Кривичниот закони – беа главните теми околу коишто дебатираа учесниците на седницата, а опозицијата го отвори прашањето дали Македонија ризикува нови услови за отворање на преговорите?
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и лидер на СДСМ Венко Филипче оцени дека Извештајот на ЕК е показател оти власта нема политичка волја да продолжи со реформите, додавајќи дека лично жали оти и на денешната расправа слуша пораки на евроскептицизам во собраниските тела, каде всушност највеќе треба да се работи на остварување на реформите.
Претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, цитираше неименуван висок претставник на ЕУ дека бил прилично јасен во неговото излагање оти „во моментот во ЕУ не постои консензус за нови полноправни членки и дека е време да почне да се размислува за некое меѓурешение кое што би значело повеќе интеграција, но без полноправно членство“.
„Но тоа што го бараме од ЕУ од некои земји-членки е само поголема искреност“, рече Милошоски.
На тоа евроамбасадорот Рокас рече „да одговорам на Антонијо Милошоски, ова е најискрено, ние сме за полноправна интеграција и ова е одговорот“.
Филиче рече дека ниту има алтернатива, ниту некој разговара за алтернативи за Европската унија.
„Сето тоа се спинови на нечии изјави со цел да се намали дополнително желбата, ентузијазмот на граѓаните за вистинските чекори кои што треба да следат од страна на Владата“, рече Филипче.
Тој критикуваше дека државата назадува поради катастрофалните политики на премиерот Христијан Мицкоски и поради неспособноста на власта која лебди во летаргија, како и тоа дека е очигледно е оти нема волја оваа коалиција да го продолжи европскиот пат.
„Ова е еден од најлошите извештаи кои што државата го добила од Европската комисија. Полош е само тој во 2015 година, кога бевме оценети како заробена држава“, рече Филипче и доаде „Ако до минатата година имаше само еден услов за почеток на преговорите, а тоа е решавање на билатералниот спор со еден од соседите, после еден таков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови да се отпочнат преговорите“, рече Филипче.
Амбасадорот Рокас потенцираше дека независното судство и борбата против корупцијата се на загрижувачко ниво.
„Најмногу загрижува областа владеење на правото. Нема никаков прогрес во функционирањето на судството. Никаков прогрес во борбата против корупцијата. Вкупната независност и финансиската независност на судството е поткопена од мешањето на други државни гранки“, предупреди Рокас на секојдневните притисоци врз судиите и обвинителите и додаде: „Консензусот е потребен за унапредување на клучните реформи, вклучувајќи ги уставните измени за кои државата се обврза како дел од интеграцијата во Европската Унија“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека „по 16 пат, извештајот не говори само за евалуираниот, туку и за евалуаторот. Ако има натпревар за политичка спремност, ние ќе бидеме шампиони во спроведувањето“ и ја критикуваше недоследноста на ЕУ: „ЕУ немаше јасна стратегија, доцнеше на Балканот, понекогаш САД беа побрзи, а денеска преферира двојни стандарди“. „Сите оценки се врзани за едно основно барање – уставните измени“, нагласи Сиљановска и негираше дека уставните измени не биле ставени на дневен ред, потсети дека биле на Уставна комисија, но не успеале да го поминат тој прв чекор
„Она што не смее да се заборави се посебните критериуми за нас. Зошто ние толку долго го одиме овој маратон со пречки, зошто покрај Копенхашките критериуми ние добивме и дополнителни критериуми, но влеговме и во Процесот на стабилизација и асоцијација. Кога зборувам за чуден вординг дека реформите се исплатат, и дека некои земји за година, две, три направиле квантни скокови во реформите, тоа не можам да го прифатам. Реформите се процес. Ако ние, кои влеговме во Процес на стабилизација и асоцијација, сѐ уште не сме стигнале да бидеме реформирани, тогаш тоа зборува за нешто друго, зборува за филозофија на морков и стап, за терапевтско управување, за диригиран суверенитет“, рече претседателката.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани рече дека оваа Влада влегува со јасна политичка волја да ги конкретизира реформите, да го забрза донесувањето на клучните закони и да ја претвори подготвеноста во реални резултати. Тој додаде дека Реформската агенда, скрининг извештаите и Планот за раст ја даваат целосната архитектура за напредок, а задачата на институциите е да обезбедат јасен ритам и доследна имплементација.



