Општина Аеродром донесе одлука за ослободување од плаќање комуналии за изградба на куќа на лица до 35 години. Оваа одлука беше донесена на првата седница на Советот на Општина Аеродром.
Ова право можат да го остварат лицата што имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето, да се жители на Општина Аеродром најмалку две години, да градат, доградуваат или надградуваат прв дом во нивна сопственост и објектот да се гради исклучиво за лични станбени потреби.
Заинтересираните треба да поднесат комплетна техничка документација согласно со Законот за градење, како и изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку десет години.
„Ослободувањето од комуналии се однесува на изградба на нова индивидуална куќа, доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување и надградба на постоен станбен објект за индивидуално домување со која се создава прв дом“, велат од Општина Аеродром.



