ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ ФАСАДИ ЌЕ ДОБИЈАТ 14 ЗГРАДИ НА ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ ФАСАДИ ЌЕ ДОБИЈАТ 14 ЗГРАДИ НА ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ, ПРОЕКТОТ ЧИНИ 11 МИЛИОНИ ЕВРАЗградата на поранешна „Нова Македонија“ е една од 14-те кои ќе добијат нови фасади. (Фото: К. Попов)

    Четиринаесет згради во кои се сместени 33 државни институции ќе добијат енергетски ефикасни фасади. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска објави дека програмата за обнова на зградите, за која се потребни 11 милиони евра, е усвоена на Влада и стартува реализацијата на овој тригодишен проект.

    Како што соопшти Министерството, во првата фаза ќе се реновираат зградите чии фасади се во лоша состојба, а тоа се Министерството за здравство заедно со Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.

    „Во втора група се објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација и тоа комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и зградата на поранешна ‘Нова Македонија’ каде се сместени Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование, Министерството за локална самоуправа, Агенцијата за лекови и Секретаријатот за законодавство“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Во третата, последна фаза, се осум објекти кои претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи.

    Предвидено е секоја зграда ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки, од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.

    „Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари“, додаваат од Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира